Thursday, May 19, 2011

АСТЕРФЕСТ - Струмица, отвореност, креација

Програмата за реализација на седмото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица се подготвени за почеток.   Селекторката Астрид Бусинк од Амстердам ги одбираше документарните филмови според темата „Блиско, а далечно“. За одбраната селекција самата нагласи: „Од Шпанката која ги брои луѓето што поминуваат до љубовното писмо читано од туѓинци или средбата со Хитлер, годинашниот избор на документарни филмови е разнобојна мешавина која патува низ време, места и емоции. Без разлика дали ја гледаме емиграцијата на семејството Туарези, старите нацистички снимки, шивачките или обезбедувањето на врата на ноќен клуб, колку и да е тоа далеку или одамна, во овие филмови се е лично“.

Омар Абу ел Руб од Белград, селектор на кратките играни филмови одбрани под темата „Љубов и отуѓување“, за својата селекција нагласи дека од „Станка која си оди дома“ преку „Комшијата“ до „Патувањето без враќање“, авторите од Далечниот Исток до северот на Запад, ни прикажуваат колку е кревка човечката љубов и колку брзо се отуѓуваме. Промислувањето за поголема хуманост, е и во самите наслови. Желбата да го направиме тој „Еден чекор“ кон блискоста, да излеземе од „Кафезот“ на предрасудите и да престанеме да се „Чувствуваме дека не ни е до танц“ – е смислата на овие кратки филмови. Тоа и не’ потсетува дека сите ние, од „Љубов“ сме постанале, со „Жар“.

За наградите Златна, Сребрена и Бронзена потковица, изработени од Ричард Климеш, ќе се натпреваруваат филмовите: „Без љубов“ на Биргит Стермос (Данска), „Геринговото жезло“ на Пиа Андел (Финска), „Драга Ана-Марика“ на Ана-Марика Графманс (Холандија), „Пандора“ на Виргил Верниер (Франција), „Пат на Туарег, во еден правец“ на Фабио Скарамачи (Италија), „Патот на Марија“ на Ане Милне (Шпанија), „Трикленд“ на Изабел Толенаре (Белгија), „Тусилаго-астроцвет“ на Јонас Одел (Шведска) и „Шивачките“ на Билјана Гарванлиева (Македонија/Германија).

За наградата за најдобар краток игран филм во компетиција ќе бидат „Еден чекор“ на Фариз Ахмедов и Наргиз Багирзаде (Азербејџан), „Жарче“ на Томи Алексов (Македонија), „Збогум, комшија“ на Роберт-Јан Вос (Холандија), „Кафезот“ на Адријан Ситару (Романија), „Не ми се танцува“ на Јоаким Долхорф и Еви Голдбринер (Германија), „Патување без враќање“ на Гуцлу Јаман (Турција), „Станка си оди дома“ на Маја Виткова (Бугарија) и „Страст“ на Гунхилд Енгер и Мариус Екведт (Норвешка).

Во натпреварувачката категорија за наградата за најдобар анимиран филм се филмовите: „Венди-момата“ на Еми Александер (Австралија), „Излегуваш“ на Макс Либих (Австрија), „Иглмановиот елен“ на Мики Плиз (Велика Британија), „Парада“ на Пјер-Емануел Лиет (Франција), „Татковина“ на Хуан де Диос Марфил (Чешка) и „Хансел и Гретел“ на Гоце Цветановски (Македонија).

Членови на меѓународното стручно жири ќе бидат д-р Сашко Насев (македонски сценарист и драмски писател), Соња Хенричи (предавач и продуцент во Шкотскиот документарен институт) и Кимон Цакирис (автор и режисер од Грција).



Свеченото отворање на седмиот „Астерфест“ ќе се одржи на 27 мај во големата сала во НУЦК „Антон Панов“ при што ќе има свечени обраќања на покровителите и доделување на наградите на тројцата лауреати Лаила Пакалнина од Латвија, Тимоти Бајфорд од Англија и нашиот Салаетин Билал. Веднаш потоа ќе следува македонската и фестивалска премиера на краткиот игран филм „Жарче“ на Томислав Алексов, како и проекцијата на австрискиот анимиран филм „Излегуваш“ на Макс Либих и на финскиот документарец „Геринговото жезло“. Истата вечер ќе се одржи и филмски маратон на седум ексклузивни кратки филмови кои ќе се прикажуваат до полноќ.

Годинашното фестивалско мото „Струмица, отвореност, креација“ ќе се реализира во НУЦК „Антон Панов“ и во новата летна амфитеатрална сцена во Градскиот парк, каде ќе се одржуваат проекции од 20,30 часот. Во дворот на Манастирот на „Пресвета Богородица“ во Вељуса на 28 мај ќе се одвиваат „Тивериополските беседи“ во чест на тројцата годинашни специјални гости. Секојдневно ќе се одржуваат средби со авторите, а на 29 мај е планиран и Мастер клас со Лаила Пакалнина.

На „Астерфест“ годинава вкупно ќе се прикажат 50 филмови од дваесетина држави, меѓу кои повеќето се претставници на европските кинематографии, а има филмови и од САД и Австралија. Ќе бидат претставени и блокот „Мувиленд“ со неколку современи хрватски кратки филмови, ќе се промовира Шкотскиот краток блок од Единбург, како и блокот на наградени филмови од Швајцарскиот фестивал за едноминутни филмови. Фестивалот ќе се одржи од 27 до 31 мај.

Митко Гогов